Македонија
12. December 2017 - 16:33

Педијатри: Аерозагадувањето допрва ќе го зема данокот по здравјето на граѓаните

Клиниката за детски болести е полна со пациенти. Голем број дечиња со компликации на дишните патишта како последица на загадениот воздух завршуваат во оваа установа. Пневмонија, бронхит и честа кашлица се најчестите компликации што ги дијагностицираат педијатреите.  Над илјада прегледи минатиот месец имало и во болницата за белодробни заболувања во Козле. Лекарите од оваа здравствена установа предупредуваат дека допрва аерозагадувањето ќе ги полни педијатриските одделениа. Децата и хронично болните се први на удар на опасните ПМ честици.

- Во периодот што доаѓа очекуваме многу поголем број на пациенти поради компликации од загадениот воздух. И тоа кај деца со астма но и најмалите кои немаат имунитет. Од пневмонија до бронхит се најчестите компликации, вели Ангелчо Андоновски, директор на болницата во Козле.

Секој ден само во приоритетната амбуланта на Пулмологија  имаат по  20-тина пациенти со влошено здравје поради загадениот воздух а неможат да чекаат за редовен преглед за термин. Дополнителен број на болни има и во останатите амбуланти како и во здравствените установи кои третираат кардиоваскуларни и респираторни заболувања. Лекарите уште еднаш потенцираат дека  најдобра превенција овој период кога загадувањето е алармантно е носењето на заштитни маски.

- Да, децата моѓат да носат маски но од оние специјални а не обични кои воопшто не помагаат во заштитата од аерозагадувањето, вели др. Андоновски.

Одење на планина или покрај езеро, според педијатрите е најдобрата превенција за прочистување на белите дробови од опасните ПМ честички.