Бизнис
28. March 2017 - 14:39

Педесетина компании од Македонија и Косово ги разгледуваат можностите за соработка

Педесетина микро и мали претпријатија од Македонија и Косово денеска во Скопје ги разгледуваат можностите за меѓусебна соработка. 

На тет-а-тет средбите учествуваат компании од различни сектори кои ваквите настани ги гледаат како можност да воспостават нови бизнис контакти со сродни компании.

- Ваквите средби придонесуваат за зголемување на контактите, а зголемениот број контакти овозможуваат да се отпочне некаква соработка. Благодарение на контактите, успеавме да донесеме старт ап компанија од Германија која произведуваше софтвер производ на глобално ниво, вели Ненад Фидановски од компанијата „Глобал нет“ која се занимава со ИКТ услуги.  

Од Центарот за развој на претприемачи и менаџери ЦЕЕД Македонија истакнуваат дека интересот за вакви настани е голем особено кога станува збор за компании од Македонија и Косово. 

- Интересот за вакви настани отсекогаш бил голем бидејќи најголемата трговска размена на Македонија се одвива со Косово, а и поради близината на косовскиот пазар со македонскиот, изјави Билјана Дамевска од ЦЕЕД Македонија.

Според заменик-шефот на Мисијата на Амбасадата на Швајцарија, Стефан Томаџан, соработката меѓу компаниите од регионот е многу важна, особено за помалите економии како што се македонскиот и косовскиот пазар.

- Кога се работи за мали пазари, без разлика дали станува збор за нови компании или компании кои веќе работат извесен период, тие мора да ја шират соработката надвор од границите, бидејќи таму имаат повеќе можности, истакна Томаџан.  

Бизнис за бизнис средбите ги организира Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија со кофинансиска поддршка од Владата на Швајцарија.