Македонија
30. December 2016 - 13:45

Педесетина бездомници од пунктот во Момин Поток добија топла облека

Педесетина лица кои ги користат услугите на Пунктот и Прифатилиштето за бездомници во Момин Поток денеска добија пакети со топла облека.

Бездомниците добија  џемпер, шал, капа, ракавици и вреќа за спиење во пакетите што традиционално во пресрет на новогодишните празници ги доделува Град Скопје.

- Градот Скопје во соработка со Црвениот крст на Град Скопје, континуирано го помага работењето на овој центар со по 500 илјади денари годишно, а оваа наша поддршка ќе продолжи и во иднина. Бездомниците во овој центар добиваат хигиенски услуги, чисти алишта, берберски услуги, лекарски преглед и неопходни лекарства, разговор и совети од психолог и топол оброк, изјави скопскиот градоначалник Коце Трајановски, кој денеска го посети овој пункт.

Трајановски истакна дека досега со поддршка на Град Скопје, осум лица се работно ангажирани во јавните претпријатија и најави дека и во иднина планираат да им помагаме на оваа категорија граѓани.

Секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева-Пауновска се заблагодари за поддршката од Градот и од компаниите кои ја поддржуваат работата на Центарот и им го олеснуваат животот на бездомните лица. Таа најави дека идната година на оваа категорија граѓани ќе им нудат и правна помош за да можат да дојдат до документи и полесно да можат да се интегрираат во општеството. 

Од денеска до завршување на студениот бран, пунктот ќе биде отворен 24 часа со цел да им излезе во пресрет на бездомните лица кои на телефонскиот број 3/139-578 може да го повикаат тимот на Пуктот кој ги ги преземе од местото каде се наоѓаат.

Пукнтот за бездомници функционира осум години. Отворен е преку целата година, а два пати неделно бездомните лица може да ги користат следните услуги: одржување хигиена, медицинска заштита и лекови, облека, психолошка поддршка, правна помош, фризерски услуги и дневен оброк. Бездомниците кои поради здравствената состојба имаат потреба од привремено сместување се згрижуваат во прифатилиштето. На располагање за бездомниците е и стационар со капацитет од 16 кревети, отворен во текот на целата година за специфични категории и во ситуации на нарушено физичко и ментално здравје на бездомните лица.  

Вкупниот трошок за функционирање на пунктот на годишно ниво изнесува 1. 700.000 денари, од кои 500 илјади ги обезбедува Град Скопје, а преостанатите се од компанијата „Алкалоид“, од буџетот на Црвениот крст на град Скопје, како и од други донатори.