Македонија
15. November 2016 - 16:05

Павлопулос на Обама му тврди дека името на Македонија предизвикува иредентизам и менување на границите

Името на Македонија дефинитивно се најде на агендата за време на прошталната посета на американскиот Претседател Барак Обама на Грција. За време на средбата со грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос му се пожали на Обама и за жешката тема за Грција - името.

-Фактот што соседната земја положува право на името предизвикува иредентизам и менување на границите што ги поткопува европските перспективи на таа земја, му рекол Павлопулос на Обама.

Засега, не е познато што американскиот претседател му возвратил на Павлопулос, но грчките медиуми претходно објавија дека Обама ќе побара промена на грчката политика на блокада на Македонија во НАТО.

Во текстовите беше наведено дека целите на посета на Обама се формулирани од Херитиџ фондацијата за која аналитичарите Лук Кофи и Даниел Кочис напишаа дека Грција поради името на соседната република ја става под закана политиката на отворени врати на НАТО. Грција треба да и дозволи на Македонија да влезе во НАТО, како што е предвидено во Времената спогодба од 1995 година, се вели во анализата.

Инаку, Обама на аеродромот беше пречекан од министерот за одбрана Панос Каменос, по што се упати на средба со грчкиот Претседател. Попладнето Обама ќе се сретне со Премиерот Ципрас при што се очекува освен за името да се разговара за економската состојба во земјата виза ви грчкиот долг, кипарското прашање и проблемот со отстапување на грчките пристаништа на руските воени бродови.

Денеска Обама ќе се обрати и на свечена вечера пред 120 значајни личности од општествениот живот на Грција, а за утре е превидено обраќање во фондацијата Ставрос Ниархос, од каде американскиот претседател заминува во посета на Германија.

Средбата на шефовите на дипломатиите на Грција, Макеоднија, Бугарија и Албанија, посветена на мигрантската криза, што требаше да се одржи во понеделник во Солун е одложена. Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас изјави дека поради оставката на бугарската влада средбата ќе се се одржи по изборите во Македонија, повторно во Солун.