Македонија
24. May 2017 - 13:26

Патронен празник на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола

Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола, домаќин и организатор на меѓународната ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“, денешниот патронен празник го одбележува со повеќе од сто деца од 14 држави во светот, учесници на 36-тиот ликовен фестивал.

Раководителот на студиото и колонијата, Коста Хаџи Антоновски, изјави дека по спектакуларното отворање кое синоќа се одржа пред националната галерија на студиото во Битола, учесниците денеска цртаат на Широк сокак, Старата чаршија, безистенот, крај Драгор и на други инспиративни локации. 

- Горди сме на нашата мисија, посветени сме на големото културно богатство и радосни што како педагози им пренесуваме знаења на најмладите, на децата од светот со кои денес ги славиме сесловенските просветители и патрони на студиото, светите Кирил и Методиј. Годинава првпат со четка во рака се и деца од Израел, кои заедно со останатите другарчиња, освен во Битола, ќе цртаат и во Охрид и Вевчани, посочи Хаџи Антоновски.

Организаторот на меѓународната ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ годинава внесе уште една фестивалска новина – избор на најдобар учесник на денот, која беше поздравена од делегациите од странство, меѓу кои и од Клара Федерова, член на екипата од Спишка Бела од Словачка, чии ученици синоќа третпат добија „Гран при“ - највисокото фестивалско признание.

- Чичко Коста секогаш приредува изненадувања и затоа многу го сакаме и почитуваме овој светски ликовен фестивал. Не очекувавме дека и годинава ќе бидеме наградени, но во секој случај со голема радост и возбуда најнапред ја слушнавме информацијата, а синоќа и ја добивме вредната награда која воедно го афирмира насекаде во светот нашето мало место, Спишка Бела, и истоименото училиште, рече  Федерова.

Меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ се одржува со финансиска поддршка на министерствата за култура и за образование и наука.