Балкан
27. јуни 2017 - 8:53

Партијата на Македонците во Албанија не успеа да освои пратенички мандат

Еднствената партија на Македониците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) на изборите во неделата не успеа да обезбеди пратенички мандат во новиот состав на албанскиот Парламент.

Македонската партија на изборите настапи во коалиција со Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), чиј поранешен лидер е новоизбраниот претседател Илир Мета.

Единствен кандидат на МАЕИ беше генералниот секретар на партијата и познат активист за правата на Македонците, Васил Стерјовски, кој беше на кандидатската листа на ЛСИ во изборна единица во Корча.

- За жал Македонците и овој пат ја прокоцкаа шансата да имаат свој претстаник во Парламентот. Во изборната едница Корча се избраат 11 пратеници. Од 85 отсто пребројани гласови шест пратеници има освоено Социјалистиката партија, четири Демократската и само еден ЛСИ. Веќе е јасно дека немаме шанси за пратенички мандат, бидејќи се наоѓам на петото место на кандидатската листа. И овојпат Македонците се поделија, па на место да гласаат за Македонец, тие гласаа за албанските партии, изјави Стерјовски за МИА.

Инаку, МАЕИ на претходните избори во јуни 2013 година учествуваше со своја листа, чиј носител беше универзитетската професорка Валентина Нестор, но не успеа да го обезбеди потребнот број гласови за освојување на пратенички мандат.