Балкан
2. November 2015 - 8:25

Партијата на Ердоган освои мнозинство во турскиот Парламент

Исламската конзервативна Партија на правдата и развојот (АКП), чиј основач е турскиот претсдател Реџеп Тајип Ердоган, освои апсолутно мнозинство во Големото народно собрание на Турција на вчерашните парламентарни избори.

Како што јавија турските медиуми, во новот состав на 550-члениот Парламент на Турција, АКП ќе има 315 пратеници, социјалдемократската Републиканска народна партија (ЦХП) 134, курдската Демократска партија на народите (ХДП) 59 и десничасрката Партија на националистичкото движење (МХП) 41 пратеник.

Претседателот на Централната изборна комисија, Сади Ѓувен рано изутринава информира дека според првичните конечни неофицијални резултати АКП освоила 49,4 отсто од гласовите, ЦХП 25,4, МХП 11,9, а ХДП 10,5 проценти.

Ниту една друга партија не успеа да обезбеди места во Парламентот.

Ѓувен соопшти дека конечните официјални резултати од вчерашното гласање ќе бидат објавени по 11 до 12 дена. 

По објавувањето на првичните резултати Ердоган изјави дека тие покажуваат оти народот избрал „да ја зачува климата на стабилност и доверба“.

Според Ердоган, од овие избори најважната порака е испратена до сепаратистичката Курдска работничка партија (ПКК) дека „насилството, заканите и пролевањето крв не можат да опстојуваат заедно со демократијата и владеењето на правото“.

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу, кој уште по објавувањето на првите резултати од изборите, прогласи победа на неговата АКП, доцна синоќа најави дека новата влада што ќе ја формира „ќе остане посветена на целите што партијата ги поставила во изминатите години“. 

- Ова е победа на мирот, стабилноста и демократијата. Ова е победа на сите граѓани на земјата. Нема да ја оставиме Турција без Влада. Ние нема да губиме време, веднаш ќе се фатиме за работа и ќе работиме во интерес на сите без да превиме разлики, порача Давутоглу.

Тој ги повика сите партии што обезбедија места во новиот Парламент „да почнат да работа на нов национален Устав“.