Македонија
21. April 2017 - 16:30

Партиите ветуваат остварување на барањата на семејствата на деца со посебни потреби кои кампуваат пред Собранието

Децата со посебни потреби станаа видливи откако нивните родители поставија шатори во паркот Жена борец. По ноќта под ведро небо, денеска за нив се заинтересираа народните избраници,  невладини и владини институции и граѓански здруженија.  Во Собранието беа на средба со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и претставници од надлежните министерства.

-Добивме ветувања дека можат да бидат направени законски измени во Влада и потоа да биде обврска на Собранието тие да поминат пред пратениците. разговараме, добивме ветувањ аи ќе видиме што од тоа ќе биде реализирано, вели Сузана Стојановска, родител на дете со Даунов синдром

Во паркот ги посетија и претставници од СДСМ кои им ветија дека нема да одат на парцијално туку системско решавање на проблемите со кои се соочуваат децата со посебни потреби. Најавија нови дневни цетри и обучен кадар во институциите.

- Овие родители не смеат да кампуваат за да ги добијат правата на своите деца и да го свртат вниманието на државните институции и на сите чинители во Република Македонија, коишто треба да ги ислушаат нивните потреби и нивните барања. Не смееме и нема да дозволиме парцијално решавање на проблемот на лицата со посебни потреби,изјави Фросина Ременски од СДСМ

Родителите и нивните деца кои спијат во шаторите, велат дека желбата да ја исполнат зацртаната цел е поголема од студот и ветрот кој им пркоси. Вработување на стручен кадар и отворање дневни центри се само дел од барањата доставени до надлежните институции.

-Требаше шатори да поставиме за да видат дека сме истрајни, и ќе останеме истрајни и покрај секојдневните борјни проблеми со нашите деца, вели Трпковска Лепа, родител на дете со посебни потреби.

Голем број граѓани и случајни минувачи во паркот се потпишуваат на петицијата за исполнување на барањата кои треба да обезбедат подобра иднина за децата со посебни потреби.

И покрај најавите на метеоролозите дека утрото што доаѓа ќе биде студено и со минусни температури, родителите и децата со посебни потреби и оваа ноќ ќе ја поминат во шаторите поставени во паркот жена борец.