Македонија
3. November 2015 - 16:49

Партиите пред конечен договор за окончување на политичката криза

Денови а можеби и часови се во прашање пред политичките партии да го направат последниот чекор кој треба да ги отвори вратите за предремените парламентарни избори во април идната година.

Според информациите до кои дојде Сител од извори во преговорите она што се чинеше како најголема пречка, односно законот за Влада кој требаше да ги регулира ингеренциите на замениците министри се наоѓа пред финално решение. Се разгледувале повеќе модалитети, а најмногу заеднички точки се нашле околу тоа, заменик министерот да може да стави вето на министерската одлука но преку Државната изборна комисија. Тоа би функционирало на тој начин, што на секоја одлука на министерот, неговиот заменик ќе има право да стави вето и да побара, ДИК во многу краток рок да го каже последниот збор, односно, дали со министерската одлука се крши некоја од изборните регулативи.

Министерот за внатрешни работи ќе добие простор за одредени кадровски промени, но на секоја позиција на која што тој ќе назначи нов кадар, заменик министерот ќе има право да му назначи заменик. Па така, ако Министерот назначи нов началник на одреден сектор, заменикот ќе има право да назначи заменик на началникот кој ќе има овластувања да ја контролира неговата работа.
Партиите се блиску и до договор за Законот за свиркачите и за законот за бомбите но не се откриваат повеќе детали.

Во ваква ситуација, најголем проблем според изворите на Сител ќе биде комплетирањето на Специјалното обвинителство според желбите на Јанева. Имено, партиите не можат да најдат начин да извршат притисок врз Советот за јавни обвинители да ги избере и останатите седуммина обвинители. Нашиот извор вели дека Советот како независно тело воопшто не реагира на серијата притисоци и дека останува дециден на својот став дека за нови обвинители, Јанева ќе мора да покаже поголем обем на предмети. Токму комплетирањето на обвинителството на Јанева СДСМ го постави како услов за донесување на изборниот законик, кој партиите го усогласија уште минатиот месец.
Нашиот извор вели дека владејачката партија побарала СДСМ да не ги условува успешно завршените работи и дека партиите се договориле, во наредните денови да се направи уште еден обид да се изврши притисок врз Советот на јавни обвинители Јанева да го добие тимот кој го побара.

Интересно е што напредокот во преговорите доаѓа во периодот кога на преговарачката маса не седеше ниту еден странски претставник со оглед на тоа дека олеснувачот Ван Хауте цела недела се наоѓа на консултации во Брисел.
Политичките партии официјално не споделуваат информации но неофицијално не го кријат задоволството од можноста да се постигне договор пред четврток за кога беше најавено дека ќе биде објавен Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија кој во околности на постигнат договор извесно е дека ќе ја задржи препораката за старт на преговорите со Македонија.