Македонија
22. March 2017 - 19:21

Партиите не ги менуваат ставовите - продолжуваат консултациите во Собрание

И денешната координативна средба меѓу парламентарните групи заврши без конечен договор. Партиите се уште со спротивставени ставови во однос на тоа кому треба да му припадне местото претседател на собранската комисија за избори и именувања.

ВМРО-ДПМНЕ и натаму останува на ставот дека согласно досегашната собраниска пракса, претседателот на оваа комисија секогаш доаѓа од редовите на партијата со најмногу освоени гласови  на изборите, односно најголемата пратеничка група во Собранието.

Од друга страна, СДСМ смета дека претседателот на ова собраниско тело треба да го одреди новото парламентарно мнозинство.

На вчерашната координација беше договорен единствено составот на Комсијата, согласно кој ВМРО-ДПМНЕ ќе има 6 члена, СДСМ 5, а по еден претставник ќе имаат ДУИ и БЕСА.

Формирањето на Комисијата за изори и именување е основа за продолжување на конститутивната седница на Собранието која беше прекината на 30 декември, бидејќи токму оваа комисија треба да го даде предлогот за нов претседател на законодавниот дом.

Координација меѓу парламентарните групи продолжува утре претпладне, а доколку биде избран претседателот на комисијата, партиите ќе треба да го предложат и нејзиниот персонален состав.