Македонија
15. January 2018 - 19:19

Парламентот ја изгласа амнестијата - над 670 осуденици излегуваат од затвор

Со 58 гласа “за”, еден воздржан и ниту еден против, Собранието на денешната седница го усвои Законот за амнестија. Со овој Законот ќе бидат целосно ослободени од издржување на затворска казна околу 670 лица, а на над 3.000 затвореници ќе им биде намалена казната за 30 отсто.

Новиот закон не предвидува Амнестија за осудените за убиство, за силување, педофилија, тероризам и кривични дела против државата, како и за кривичните дела против човечноста и меѓународното право.

Законот не се однесува и на лицата кои кривичните дела ги сториле после 20 септември минатата година.

Според Владата, на овој начин ќе се заштедат буџетски средства кои би се искористиле за подобрување на условите во казнено поправните домови.

Од ВМРО – ДПМНЕ реагираат дека овој закон бил донесен на шверцерски начин, и дека претставува уште едно во низата антидржавни дејствија на СДСМ.   

Во РМ, од моментот на нејзиното осамостојување, донесени се повеќе закони за амнестијата, во 1991, 1999, 2002 и во 2003, кој што беше ревидиран следната година.