Свет
21. August 2017 - 9:30

„Паризиен“: Автомобилот од Камбрилс бил снимен поради брзо возење кај Париз минатата недела

Автомобилот, со кој е извршен нападот врз пешаци во шпанскиот туристички град Камбрилс, во кој загина една жена, бил забележан од безбедносни камери една недела претходно во близина на Париз поради брзо возење, пишува весникот „Паризиен“.

Неколку часа по нападот во Барселобна, полицијата во Камбрилс застрела петмина мажи, кои носеле лажни појаси со експлозив, откако тие со автомобил „Ауди А3“ удрија во група пешаци. Кога возилото се превртело, тие излегле од него и започнале да ги напаѓаат луѓето со ножеви.

Весникот, без да наведе извори, објави дека автомобилот бил снимен од безбедносна камера поради брзо возење во реонот на Париз пред околу една недела. Според шпански медиуми, автомобилот „Ауди“ бил сопственост на Мохамед Алја, кој е уапсен по нападот во Барселона. Еден од неговите браќа, Саид Алја, бил убиен во Камбрилс, а другиот брат е осомничен за учество во групата и по него се трага.