Балкан
13. February 2018 - 11:30

Пангалос со навредлив коментар за Турците

 Поранешниот грчки министер за надворешни работи Теодорос Пангалос во радио интервју ја употреби фразата „единствениот добар Турчин е мртов Турчин“, објави онлајн изданието „Екатимерини“.

Во интервју за радиото Скај, Пангалос нагласи дека Грција се „соочува“ со голем проблем со Турција.

- Непријателот е немилосрден и нема да биде надминат, без разлика на тоа колку добра волја ќе покажеме, рече тој.

Пангалос, кој беше министер за надворешни работи од 1996 до 1999 година, е познат по неговите контроверзни изјави, потсетува „Екатимерини“.

Во 90-тите, тој рече дека Германија е „џин со ѕверска сила и детски мозок“  и ја обвини Турција дека „ги влече своите крвави чизми низ теписите на Европа“.

Во 2010 тврдеше дека и политичарите и граѓаните ја делат одвогорноста за грчката криза.

- Ги изедовме парите сите заедно, рече тогаш.

Во 2013 година, тој тврдеше дека Грција ги прислушувала американските амбасадори во Атина и во Анкара кон крајот на 1990-тите.

Во 2014 година Пангалос рече дека не сака да го гледа лицето на кандидатката на Сириза за градоначалник на Атина, Рена Дуру, на постери. Тој додаде дека, наместо тоа, повеќе би сакал да види фотографија од целото нејзино тело во бикини.