Балкан
7. October 2017 - 8:55

Панел за Западен Балкан: Одржливи реформи за влез во ЕУ

Земјите од Западен Балкан треба да се посветат на спроведување на внатрешни реформи, кои ќе бидат одржливи и неповратни, оценија синоќа учесниците на панелот „Западен Балкан - Меѓу бројните внатрешни проблеми и европските интеграции“, што се одржа во црногорскиот град Петровац. 

Собирот го организираа црногорскиот Центар за надворешна политика, Фонадацијата „Ханс Зајдел“ и Универзитетот „Долна Горица“, во рамки на тридневната конференцијата „Петровачки дискурс за Европа“, што завршува денеска.

Во обраќањето на панелот претседателот на црногорското Собрание, Иван Брајовиќ оцени дека секоја држава од Западен Балкан се соочува со сопствени предизвици, но и покрај проблемите важно е да се задржи регионалната соработка. 

Според него, регионалната соработка е најсигурната перспектива за натамошниот процес за приклучување на државите од Западен Балкан во ЕУ.

- Уверен сум дека политиката на проширување ќе остане при врвот на агендата на ЕУ. Сигурен сум дека Црна Гора, а се надевам и Србија, ќе влезат во ЕУ пред рокот што го постави (претседателот на Еврокомисијата Жан-Клод) Јункер, односно пред 2025 година, рече Брајовиќ.

Тој нагласи дека задача на земјите од Западен Балкан треба да биде зајакнување на владеењето на правото, што же им го олесни процесот на евроинтеграции, спроведување на реформите, но и привлекување на инвестции, пред се во инфраструктурата.

Пертседателката на Форумот за меѓународни односи при Европското движење на Србија, Јелица Миниќ оцени дека главен проблем на регионот се бавните реформи, но и дестабилизирачките процеси кои произлегуваат од наследените конфликти.

- Причина за дестабилизацијата може да се види и во влијанието на надворешни фактори, како Русија, Турција, но и Кина, која се јавува како значаен инвеститор во регионот. Секој што ќе заземе силни економкси позиции, порано или подоцна ќе достави и политички сметки, рече Миниќ.

Затоа, според неа, земјите од регион треба да се потпрат на своите сили, но и ЕУ, а пред се Германија, треба да покаже поголема посветеност на процесот на проширување. 

Професорот на Факултетот за политичка науки при Универзитетот во Загреб, Синиша Таталовиќ смета дека кога се зборува за состојбата во регионот не треба да се заборави на влијанието на Русија и Турција.

- Русија и Турција ќе ги искористи сите шанси во регионот, што ќе ги пропушти ЕУ, нагласи Таталовиќ.