Македонија
16. January 2018 - 16:29

Панче Ангелов бара помала казна за нападот на Шеќеринска на 27 април - денеска на распит и Тарчуловски

Наместо 4 години затвор, осудениот Панче Ангелов за нападот на Радмила Шеќеринска бара условна казна.  На денешната јавна седница во Апелација, Ангелов рече дека затворската казна е превисока бидејќи тој само ја потегнал Шеќеринска, но не ја повредил.

Обвинителство пак остана на ставот дека пресудата на Кривичен е правилно одмерена и покрај тоа што Ангелов ја призна вината. Неговата одбрана тврди дека пресудата се темели на потешко кривично дело  и очекува второстепениот суд да ја прифати жалбата.

„Го спориме делот од правната квалификација, дали се работи за насилство по став 6, кое е што повисоко казниво или се работи за насилство по став 3 коешто подразбира дека насилството е сторено во група или има за последица телесно повредување на друг“, рече адвокатот Драган Пешевски

За расчистување на настаните во Собранието од 27 април, попладнево на распит во Јавното обвинителство за организиран криминал за прв пат беше повикан и пратеникот Јохан Тарчуловски, кој повеќе од еден месец се наоѓа во домашен притвор. Во интерес на истрагата неговиот адвокат не откри какви докази му биле приложени на Тарчуловски

„Господинот Тарчуловски беше дојден денеска да даде изјава во врска со настаните од 27-ми април. Изјавата ја даде пред надлежното обвинителство и исклучиво за тоа бевме дојдени. Сега е фаза на истрага и не можам да коментирам ништо во врска со истрагата“, рече Антонио Апостолски, адвокат.

Денешниот распит следи по повеќето обвинувања на адвокатите дека Обвинителство води истрага за настаните во Собранието, но ниту еден од осомничените кои се наоѓаат во притвор не е повикан да даде исказ. Во текот на оваа недела на распит ќе бидат повикани и останатите пратеници осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок.