Свет
17. January 2016 - 18:41

Пакистанскиот премиер ќе посредува меѓу Саудиска Арабија и Иран

Пакистанскиот премиер Наваз Шариф утре ќе ја посети Саудиска Арабија, а во вторник Иран, со цел да посредува за намалување на тензиите меѓу двете земји, соопшти пакистанскиот министер за информации Первез Рашид.

Премиерот на Пакистан утре во Ријад ќе се сретне со кралот Салман, а во вторник во Техеран со претседателот Хасан Рохани.

Во делегацијата со премиерот е и командантот на вооружените сили на Пакистан, генерал Рахил Шариф.

Влошувањето на односите меѓу Иран и Саудиска Арабија предизвикува длабока загриженост на Пакистан, соопшти портпаролот на пакистанското МНР Кази Калилулах, додавајќи дека мирно решавање на споровите е во интерес на целокупната муслиманска заедница.