Македонија
24. November 2015 - 15:42

Пакети со храна и облека од кумановското ОУ „Крсте Мисирков“ за жителите од село М'гленце

Ученици, наставници и родители од кумановското основно училиште „Крсте Мисирков“ денеска донираа педесетина пакети со храна и облека за жителите на планинското село М'гленце во општина Старо Нагоричане.

 
Донацијата се реализира преку активот на Црвениот Крст кој функционира во рамки на училиштето. Собраната количина на донираните облека и храна бил мотивот пакетите да се донираат на оние кои во моментов имаат потреба од донација.
 
- Досега три-четири години донирањето беше на ниво на училиштето. Кога видовме дека се појавија доволни количини на облека и храна, решивме да донираме за населението во некое од кумановските села и се одлучивме за М'гленце, изјави Зоран Тасевски, одделенски наставник во ОУ „Крсте Мисирков“. 
 
Активот на Црвениот Крст од ова училиште собира донации  два пати годишно, а денеска помошта ќе стигне до неколкуте ученици и мал број жители на М'гленце. ам/цр/15:27