Македонија
5. March 2018 - 19:17

Падна првата оставка во Антикорупциска - Горан Миленков се повлекол поради здравствени причини

Горан Миленков поднесе оставка од функцијата во Државната комисија за спречување на корупција. Ова е прва оставка од некој антикорупционер, по објавувањето на ревизорскиот извештај на УЈП, за работата на оваа комисија, во која што беше утврдено ненамеснко трошење на буџетскките средства.

Оставката е веќе депонирана во Парламентот, потврдија собраниските служби. Оттаму велат дека во неа било наведено дека ја поднесува од лични причини.

Миленков во изјава за Сител ја потврди поднесената оставка, потенцирајќи дека на ваков чекор се одлучил поради здравствени причини. Поранешниот претседател на ДКСК, не сакаше да ги коментира последните наоди од ревизијата на УЈП.

Внатрешниот ревизорски извештај на УЈП покажал дека антикорупционерите си делеле патни трошоци со лажни патни налози, во ист ден земале пари за присуство на седница во комисија, но и за патување во странство. Иако се редовно вработени, тие доаѓале само на седница, а пари им се исплаќале и за користење на сопствено возило во денови кога доаѓале на закажана седница.

По ревизорски извештај кој за потребите на ДКСК го направи УЈП, предмет за незаконското трошење на државните пари од членовите на антикорупциската комисија, отвори и Јавното обвинителство.