Македонија
4. October 2016 - 15:55

Пациенти со „коњуктивит“ и „настинка“ ќе се лекуваат само на матичен лекар

Министерството за здравство денеска донесе укажување да не се дозволува упатување од матичен лекар кон повисоко ниво на здравствена заштита на секундарна или терцијарна за дијагнозите коњуктивит и настинка.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров и појасни дека оваа мерка е донесена по анализите во системот „Мој термин“

- Според направената анализа има непотребно упатување за две дијагнози од матичен кон специјалист коишто по сите стандарди треба да бидат лекувани кај матичен лекар. Првата дијагноза е коњуктивит, а втората е настинка. За дијагнозата коњуктивит издадени се 48.536 упати за 40.894 пациенти за период од една година. За настинка кон специјалист упатени се 10.198 пациенти или вкупно за двете дијагнози над 58.700 пациенти, рече Тодоров.

За овие упати, според него, државата платила 23.493.600 денари. 

- Ова е голема сума која што може да биде искористена за попродуктивни инвестиции во здравството. Може комплетно да се реконструира некоја болница, да се набави нов компјутерски томограф, нови мамографи итн, истакна Тодоров.

Министерот потсети дека минатата недела е промовираната мерка која се однесува на дијагнозата хипоплазија на простата со која што ќе се овозможи за 50 проценти намалување на бројот на пациенти коишто се упатувани за оваа дијагноза и ќе се отворат поголем број на термини и ќе се овозможи значително намалување на времето на чекање.