Македонија
25. September 2016 - 17:55

ОУ “СВ. Кирил и Методиј“ за прв пат ќе добие спортска сала

Основното училиште Свети Кирил и Методиј во Центарот на Скопје за прв пат ќе добие спортска сала. Децата нема повеќе физичко да имаат на отворено, туку во новата сала која треба да биде готова до крајот на оваа учебна година.  Изградбата ќе чини 32 милиони денари. Спортскиот објект кој е во градба денеска го посети претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски. Тој потенцираше дека салата била ветена во програмата на партијата.

Груевски се осврна и на спортските стипендии и најави дека годинава финансиски ќе бидат подржани уште 500 млади таленти во сите спортови.

- Годинава ќе бидат доделени уште 500, така што бројот ќе надмине 4.300. За нив досега се инвестирани над 2,5 милиони евра, Мерката „Спортска надеж“ за млади спортски таленти  ја применуваме веќе неколку години и тоа е уште едно ветување што го остваривме. Одлуките кои ќе ги добијат стипендиите ги носат самите федерации, бидејќи тие најдобро ги следат младите спортисти и точно знаат кои од нив се најнапредни, најнадежни, најталентирани. На тој начин Агенцијата за млади и спорт во десет месеци од годината им исплаќа 20 проценти од просечната плата во Македонија како поддршка за нивниот напредок, тренинзите и за се она што им е потребно, а што е зголемен трошок за родителите чии деца се занимаваат со спорт и се талентирани, изјави Груевски. 

Досега преку мерката спортска надеш доделени се 3800 стипендии, а со новите 500 бројката ќе достигне 4300 стипендии за талентирани спортисти.