Македонија
19. May 2017 - 19:52

Отворени портите на Јасен

Се крена рампата на природниот резерват јасен за јавноста. На триесетина километри од центарот на Скопје, по тесен но асфалтен пат, се искачувате на надморска височина од 1200м, од каде почнува друг свет, на недопрена природа. Раскошни планини, мирис на чај и борова шума.  На зборното место Кула не пречекаа директорот на претпријатието и стражарите од каде тргнавме во обиколка со теренски џип.  

Првата попатна станица беше местото Капина или шумочуварската куќа.

На ова место  се наоѓа и објект кој некогаш бил пекара.  Истиот, во југословенско време бил подготвуван за логистички центар за поддршка. До него се наоѓа и смоларата. Во минатото имало голем број смолари кои ги делкале боровите дрвја за смола но денес смоларството е строго забрането а дејноста е поопасна и од производство  на марихуана. Во Јасен се одгледува дивеч кој служи за лов на љубителите на овој вид спорт. Местото од уловениот плен се чува во посебни ладилници кои во Јасен ги има на Капина, на Ивање и во фазанеријата во Катланово.

Од Коломот почнува асфалтиран пат кој води до една од природните границите на Јасен.  По густата шума се отвора поглед кон планини во недоглед и езерото Козјак. Овде од неодамна е изградена и викенд населба покрај езерото, но до неа се стигнува само во одреден период од денот бидејќи патот е со времен режим. По пат не сретнавме ниту едно животно, чуварите велат штом сонцето силно огрее тие се кријат. За лов најдобро време е пред зори  до 4 часот наутро.  Ловната сезона за крупен Дивеч почнува од 15 август и трае се до јануари. Според надлежните за овој период се собира доволно месо.

Доколку ловџијата сака да го понесе трофејот со себе за тоа треба да плати и да добие сертификат.

Јасен опфаќа површина од 36 илјади хектари а во него се вгнездени езерото Козјак, Матка и акумулацијата Света Петка. Ќе ви требаат часови за да успеете да зграбите што повеќе кислород од планинските масиви на Караџица и Даутица. Резерватот е државно ловиште и едно од најпосетуваните во Европа. Иднината на оваа мистериозна и дива убавина директорот ја гледа во туризмот. Јасен неколку децеении служел на војската но  денес во нивна сопственост се само остатоците од воената инфраструктура. 

Ловџиите и посетителите кои доаѓаат можат да преноќат во една од 7те вили кои се целосно опремени и чинат 100 евра од ден со полн пансион.

Во јавното претпријатие „Јасен“ има околу 50 вработени. На годишно ниво остварува  приход од околу 120.000 евра со кои се оддржува ловиштето. Храната ја  подготвуваат искусните готвачи а специјалитет на куќата е  месото од дива коза.

Еден ден поминат на Јасен не е доволен за лов, ниту на дивеч ниту на слика повеќе за природната убавина која се крие во ова раскошно подрачје. Доколку сте за лов ќе мора да дојдете на неколку дена а ние ќе ви го пренесеме советот од искусните стражари да не користите парфем бидејќи дивечот ќе ве намириса од километар.