Македонија
15. November 2016 - 15:32

Отворени денови на Катастарот во Кавадарци

Заклучно со 31 октомври годинава, одделението за катастар на недвижности во Кавадарци има примено 18.945 предмети и сите се решени во законски утврдените рокови, информира директорот на Катастарот Славче Трпески.

Во рамки на Отворените денови на катастарот  во Кавадарци жителите имаа можност во одделението за катастар на недвижности,  да се консултираат за предмети и проблеми  во областа на катастарското работење.

- Во Одделението за катастар на недвижности Кавадарци во тек е акцијата за бесплатно запишување на правата на сопственост во населените места Бохула, Галиште, Фариш, Драдња, Рожден и Мрежичко, информира Трпески, повикувајќи ги граѓаните кои немаат имотни листови да поднесат пријава и приложат документација за да докажат право на сопственост.

Бесплатно запишување согласно годишната програма на Владата, се одвива во цела Македонија. Досега преку 11 илјади граѓани бесплатно запишале повеќе од 17 илјади парцели.

Минатата година стручните тимови од Агенцијата за катастар во рамки на отворените денови примиле 2.934 граѓани, а на 800 граѓани веднаш им бил решен проблемот. Останатите добиле стручна помош, за тоа како да ги докомплетираат барањата, со цел да бидат запишани во катастарот. 

Во однос на процесот на легализација, на ниво на држава Катастарот има запишано 163.500 легализирани бесправно изградени објекти. Рокот за изработка на геодетските елаборати за легализација на објекти истекува на крајот од годината, за сите лица кои до општините поднеле барања во 2011 година. Агенцијата, исто така, изготвува и бесплатни елаборати за социјално ранливите категории. Досега, граѓаните од оваа категорија до катастарот поднеле седум илјади барања, а веќе се изработени 6.800 бесплатни елаборати.