Македонија
10. November 2017 - 13:23

Отворени денови на Институтот за македонски јазик од 13-ти до 17 ноември

- Петдневна манифестација Отворени денови ќе организира Институтит за македонски јазик „Крсте Мисирков“ наредната работна седмица ( 13-ти до 17 ноември). Централен настан е втората Меѓународна научна конференција „Минатото на јазичниот свет - денес и утре“ (15-ти и 16 ноември во просториите на Институтот) со 68 учесници од Македонија и од седум други земји: Босна и Херцеговина, Косово, Полска, Русија, Словенија, Србија и Хрватска. 

Претседателката на Организацискиот одбор на конференцијата, Лидија Тантуровска, на прес-конференција денеска рече учесниците, кои се 33 повеќе од минатогодишната конференција, ќе дискутираат на разновидни теми од граматика, лексикологија, фразеологија, историја, дијалектологија, социолингвистика на македонскиот јазик во споредба со други словенски и несловенски јазици. Пред почетокот на конференцијата ќе биде промовиран и Хрватско-македонски речник, а покрај работен дел, за учесниците ќе има и факултативна посета на Маврово. 

- Бројот од седумдесетина научни работници, еминентни професори, ветува богата програма и нови научни сознанија од макединистиката, славистиката и воопшто од лингвистиката, рече Тантуровска за меѓународната конференција. На отворањето, како што најавија, ќе присуствува премиерот 

Отворените денови ќе почнат в понеделник во 11 часот со промоција на три нови изданија на Институтот, а вториот ден од манифестацијата (14 ноември) ќе биде организирана јазична трибина „Јазиците на Балканот: босански јазик - состојби и перспективи“. 

Директорката на Институтот Елена Јованова-Грујовска на прес-конференцијата рече дека трибината за босанскиот јазик ќе биде прва од серијата трибини што ги планираат во наредните години - за јазици на етнички заедници застапени во Уставот на Република Македонија. 

На трибината за босанскиот јазик ќе учествуваат осум професори од Институтот за јазици на Универзитетот во Сараево и директорот на таа научна установа, Ален Калајџија.