Македонија
17. August 2017 - 12:29

Отворена музејска изложба „25 години Армија на Република Македонија“

Музејска изложба „25 години Армија на Република Македонија“ по повод 18 август - Денот на АРМ со фотографии, воена опрема, оружје и ексклузивитети од вооружувањето на специјалните единици од 25-годишниот историјат на Армијата беше отворена денеска во Воениот музеј во Скопје.

- Четвртина век историја на нашата држава и Армија е испишана со големи успеси и светли настани, но и со настани кои никој не посакуваше да се случат и се најдобра опомена како не треба. За доброто на нашата држава Република Македонија за доброто на сите нејзини граѓани како никогаш досега потребно ни е единство без оглед на пол, вера, етничка припадност или политичка провиненција, да се обединиме кон целта сите заедно во најскора иднина да застанеме под знамето на Република Македонија кое гордо ќе се вее како знаме на држава, полноправна членка на НАТО и ЕУ, истакна министерката за одбрана на Република Македонија Радмила Шеќеринска, која ја отвори изложбата.

Тоа, додаде министерката за одбрана, и го должиме на нашата татковина и на сите генерации кои војуваа за нејзината слобода и независност и им го должиме на идните генерации.

Армијата на Република Македонија, рече таа, е секогаш е прва кога тоа е потребно за државата и за граѓаните, а тоа, како што потенцира го покажуваат примерите и со помошта во справувањето со неодамнешните пожари, минатогодишните поплави, и секогаш кога државата се наоѓа во услови на загрозеност и криза.

- Во изминатиов период нашата Армија помина низ повеќе процеси на трансформација. Од регрутен систем денес имаме целосна професионализирана армија која нуди еднакви можности на припадниците на двата пола. Армијата беспрекорно ги извршуваше сите стратешки одлуки на највисокото државно раководство и вашите успеси беа и остануваат еден од главните двигатели на Репбулика Македонија во евроатлантската интеграција, рече министерката.

Додаде дека припадниците на АРМ се најдобрите претставници на Македонија во меѓународната заедница,  за што, како што рече, говори учеството во меѓународните мисии во Авганистан, Ирак, Босна, Либан...

Директорот на Воениот музеј Александар Стојчев истакна дека изложбата 25 години од АРМ содржи автентични фотографии од архивите на МО и Генералштабот со припадници кои изввршуваат дадени задачи или мисии, а оти за за секоја година текстуално се издвоени неколку поважни настани поврзани со развојот на Армијата, од одлуките на сите досегашни состави на Собранието на Република Македонија, владите, претседатели на државата и поранешни министри за одбрана, како и началници на ГШ на АРМ, во врска со процесите низ кои поминала изградбата на АРМ како чувар на мирот и слободата дома и надвор од државата.

Изложбата содржи и повеќе експонати кои за првпат се изложуваат пред јавноста, како што се повеќе видови специјални оружја и воена опрема, воен чамец со нуркачка опрема, топови...

- Со изборот на фотографии и теми сакаме да упатиме повик до сите што ќе ја видат изложбата да споделуваат со Воениот музеј дополнителни фотографии и теми коишто ќе дадат личен придонес за зголемување на Фондот на добра од материјално, духовно и културно наследство на РМ, рече Стојчев.

Изложбата ја подготвил Воениот музеј на РМ  и таа ќе биде отворена еден месец. Фотографиите се дел од архивата на Одделението за медиа и мултимедијални работи, Канцеларијата за односи со јавност при ГШ на АРМ и од Воениот музеј.

На отворањето на изложбата во Воениот музеј во Скопје, присуствуваа и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери, високи претставници во Министерството за одбрана и АРМ, амбасадори и одбранбени аташеи во Република Македонија.