Македонија
24. February 2016 - 16:07

Отворена изложбата „Американскиот Црвен крст во Македонија за време на Првата светска војна“

Во воениот музеј во Скопје денеска беше отворена изложбата „Американскиот Црвен крст во Македонија за време на Првата светска војна“. 

Министерот за одбрана Зоран Јолевски, кој заедно со амбасадорот на САД во земјава Џес Бејли ја отвори изложбата, изрази благодарност на хуманитарните тимови од целиот свет, меѓу кои и од САД, во текот на Првата светска војна. Истакна дека преку изложбата на македонската јавност и се презентираат заедничките моменти на претставниците на американскиот Црвен крст со жителите на Македонија во Првата светска војна преку објективот на Мерил Ла Вој основоположникот на американската фотографија и филм од почетокот на 20 век.

- МО останува силно посветено на чување и градење на вредностие на мирот и нуманоста дома, но и надвор од границите на нашата земја, каде силно е изразена взаемната соработка на армиите на Македонија и на САД, рече меѓу другото министерот Јолевски.

Осврнувајќи се на мигрантската криза, тој потенцира дека во справувањето на предизвиците МО и АРМ ја имаат предвид хуманоста и посветеностa во доброто на луѓето, вредности кои, подвлече, секогаш ќе бидат водилка во нашето дејствување.

Амбасадорот Џес Бејли нагласи дека отворањето на денешната изложба, како и минатите и идните проекти, но и многубројните програми, го демонстрираат партнерството меѓу двете земји и посветеноста на РМ и нејзините граѓани. Амбасадата на САД и македонското МО, подвлече, имаат долготрајни меѓусебни односи во многу полиња, не само во воената соработка.

- Оваа изложба е убав пример за музејските напори во обезбедување прозорец во минатото. Во Европа за време на Првата светска војна имаше повеќе од 18 илјади волонетри од американскиот Црвен крст, кои им помагаа на армијата на САД и уште поважно на локалното население. Волонтерите помагаа, но луѓето, населението од оваа земја се тие кои најмногу помогнаа да се изгради светот повторно, изјави Бејли.

Според амбасадорот Бејли, оваа изложба се поклопува во време кога повторно на Македонија и на регионот им е потребна поддршка од Црвениот крст. Овој пат, подвлече, Црвениот крст на Република Македонија го прави тоа и во таа насока Бејли им оддаде признание на сите претставници кои неуморно работат за поддршка на мигрантите кои поминуваат низ земјата.

- Ги поздравувам Вашите напори и напорите Владата на РМ, многубројните агенции на ОН и други кои обезбедувате поддршка и грижа за бегалците кои бараат безбедно поминување, рече американскиот амбасадор Бејли. 

Инаку, во декември 2014 година беше организирана првата музејска изложба на оваа тема „Македонско-американските односи низ историјата“.