Македонија
9. October 2015 - 15:33

Отворен Дневен центар за деца со оштетен вид во Велес

Во подрачното одделение на Агенцијата за вработување во Велес денеска е отворен Дневен центар за деца со оштетен вид, за кој Министерството за труд и социјална политика и општината обезбедија 1,5 милиони евра.

 
- Центарот за деца со оштетен вид кој има капацитет од 25 места, а во него првично ќе бидат сместени 12 деца со оштетен вид од Велес, а очекуваме бројот на деца кои ќе го посетуваат да се зголеми, информира министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
 
Со децата ќе работат дефектолог, психолог и медицински сестри, а со градоначалникот на Велес Славчо Чадиев е договорено да се обезбеди и дополнителен кадар. - Преку Сојузот за слепи лица во Дневниот центар во Велес ќе обезбедиме по неколку пати неделно  да доаѓа  професорот кој ќе ги учи овие дечиња да свират на музички инструменти, да пишуваат на машина за Брајово писмо и да се ориентираат во просторот, рече министерот Спасов.
 
Во присуство на Спасов  во велешката градска библиотека „Гоце Делчев“ беа промовирани и нови 50 аудио книги, дел од владиниот проект за зголемување на фондот на аудио книги на македонски јазик во земјава.
 
- Досега снимивме 160 наслови коишто се веќе предадени на Националната библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје, како и на Националниот Сојуз на слепи лица. Денес промовираме дополнително 50 нови наслови, а на веб страната на Националниот Сојуз на слепи лица веќе се ставени поголемиот дел наслови на аудио книги, како и на ЦД-а. Пристап имаат сите слепи лица коишто имаат потреба и секој кој сака да ги слушне, а пристап имаат и останатите граѓани кои сакаат да се запознаат со овој хуманитарен проект, потенцира министерот Спасов.
 
Според него, станува збор за 50 аудио книги кои се дел од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“, кои што ги издаде Министерството за култура и ги преведе на македонски јазик, а кои се снимени во аудио формат.  Во проектот за снимање на аудио книги Министерството за труд досега инвестираше околу три милиони денари.
 
- Иако во нашата програма беше дадено ветување за снимање на 400 книги во четирогодишен период. Ние оваа година планираме да достигнеме бројка од 310 снимени аудио книги. Догодина планираме да распишеме нова јавна набавка за снимање на уште 400 аудио книги односно наслови на книги, а со што во 2016 година би добиле околу 700 наслови на аудио книги на македонски јазик,  а  кои се значајни и за децата и за возрасните со оштетен вид  и слепи лица, информира министерот Спасов.
 
Министерот Спасов потсети и дека Владата го зголеми и надоместот за целосно слепи лица  на 7.000 денари и посочи дека овие лица добиваат помош од трето лице која изнесува 4. 500 илјади денари.
 
- Како Влада и потанатаму ќе продолжиме да водиме грижа за оваа категорија граѓани, за никогаш како во минатото да не останат на маргините на  ова општество, туку преку најразлични форми и проекти и инцијативи ќе работиме на подобрување на нивниот живот и статус, потенцира министерот Спасов.
 
Градоначалникот Славчо Чадиев рече дека отварањеро на Дневниот центар во Велес со подршка од Министерството за труд и социјална политика воедно  е реализација на проект од  Акцискиот план на општината за помош на лица со посебни потреби. За следната година Чадиев најави донација од општината за Сојузот за глуви и наглуви лица во Велес.