Македонија
1. August 2015 - 23:38

„Отворен ден“ на Држаниот Архив на РМ со граѓаните на Охрид

Манифестацијата  „Отворен ден на Архивите“ што ја организира Државниот Архив на Република Македонија (ДАРМ) по повод националниот празник 2 август - Денот на Републиката, денеска беше одржана и во Охрид, со презентација на историјата на македонскиот народ низ најстарите и најрепрезентативни документи што ги поседува Подрачното одделение, а се чуваат во депото на Архивот на Охрид.

Покрај документацијата претставена преку изложбена поставка, посетителите имаа можност да се запознаат со архивската дејност и активностите на архивските работници.

Директорот на Архивот на Охрид, Славица Јанковска, појасни дека изложените експонатите се поставени хронолошки, од 14 век до денес.

- Станува збор за оригинални верзии, документи пишувани на старословенски, старотурски, на арапски јазик, како и документи од подцнежниот период, од Народноослободителната војна, поствоениот период се до денес, рече таа.

Јанкоска забележа дека сите документи се хемиски заштитени, но се уште чекаат на превод и да бидат објавени во некои посебни едиции.

- На изложбата се претставени над 40 експонати во изложбените витрини, како и бројни фотографии објавени на паноата на ѕидовите на Архивот. Се она што е прикажано на изложбата за првпат во оригинална верзија е претставено пред јавноста, појасни Јанкоска.

Сите експонати и документи од депото на Архивот во Охрид се достапни до јавноста за какви било истражувачки активности.

- Секогаш е отворена можноста за истражувања, ние веќе имаме корисници што го прават тоа во нашата документација, со тоа што експонатите можат да се користат, но под наш надзор и не можат да се изнесуваат надвор од депото. Останува само задолжение на оние што ќе издадат каква било едиција со наши документи да остават примерок од објавениот материјал за потребите на Архивот, додаде Јанкоска.