Македонија
26. May 2017 - 18:39

Отворање на 46. Државен фестивал на непрофесионален филм

Со проекција на филмови од официјалната селекција, вечерва во амфитеатарот на Филмската академија во Охрид ќе биде отворен 46. Државен фестивал на непрофесионален филм.

На фестивалот организиран од Киносојузот на Македонија во официјална конкуренција се влезени 15 авторски дела, избрани од стручното жири од пристигнати 28 филмови на 24 автори, од кои пет се самостојни авторски дела, а останатите изработени од кино-клубови.

Стручното жири во состав Драган Вељановски, Илинденка Петрушева и Блаже Дулев, Гран-при наградата за годинашното фестивалско издание му ја додели на авторот Пеце Здравкоски за краткиот игран филм „Збогум" (Farewell).

Филмот „Збогум“ го собра и годинашните авторски награди - за најдобра монтажа за Пеце Здравковски и Ѓорги Вацев, за најдобра музика и камера за Ѓорги Вацев, наградата за најдобра монтажа Пеце Здравковски и Ѓорги Вацев, како и наградите за сценарио и режија кои одат кај Пеце Здравковски.

Другите награди се Бронзената плакета за едноминутниот филм „Сон" на Александар Арсовски од Филмската академија во Штип, Златна плакета за експерименталниот филм „58" на Драги Неделчевски, Бронзена плакета за документарен филм оди кај Ема Лазарова од КВК „Студио Милтон Манаки" за филмот „Рајчица", Сребрена плакета добива документарниот филм „Ах!" на младиот автор Горан Попоски од Фото киноклуб „Прилеп“, Бронзена плакета за краток игран филм „Време за избор" на Кристина Даниловска од Скопје, Сребрена плакета за краток игран филм на Давид Дољаница од ЕФТА за филмот „Плави теретни воз", додека Златна плакета за краток игран филм добива тетовката Ана Андонова за филмот „Секунда до вечноста“.

Од авторските филмови на фестивалското издание направена е и селекција од седум авторски дела што ќе ја претставуваат Македонија на светскиот натпревар во непрофесионални филмови УНИКА, што во август ќе се одржи во германскиот град Дортмунд.

Националниот фестивал на непрофесионален филм се одржува со финансиска поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија.