Бизнис
20. February 2016 - 12:36

Откупот на тутунот ќе заврши до крајот на февруари

До крајот на февруари ќе заврши откупот на тутунот. Останува да се преземат уште две до две и пол илјади тони. Досега се откупени околу 18.000 тони тутун од ланската реколта, со моментна просечна цена од 186 денари.
 
Според претседателот на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија Данчо Милески, се остварија прогнозирањата дека реколтата е тешка од 20.000 до 21.000 тони.
 
Во источниот дел и во Повардарието, вагите од пунктовите се веќе повлечени. Останува откупот да заврши во пелагонискиот регион, во Долнени, Кривогаштани, Прилеп и Крушево.
 
- Временските услови помогнаа за домашната манипулација и очекуваме до крајот на февруари откупот да заврши. Откупните фирми ќе остават по една вага, зашто, сепак, законскиот рок за откупот на тутунот е до 15 март, изјави Милески.
 
Задоволни се и тутунарите и откупувачите.
 
- Со просечната цена од 186 денари и субвенциите од едно евро, тутунот достигна четири евра за килограм. Во споредба со претходната реколта, тутунарите поминаа добро, задоволни се и тие, но и откупувачите зашто родот иако помал е со висок квалитет, истакна Милески.
 
Во тек се подготовките за новата реколта. Се издаваат бели картони во подрачните единици на Министерството за земјоделство, а Сојузот ги очекува новите договори со новите откупни цени, нешто повисоки од лани.
 
- Со измените во Законот за тутун, до крајот на февруари, сите откупни компании треба да го испратат текстот на новиот договор што ќе го склучат со тутунарите. Треба да ги понудат цените кои Сојузот на тутунските здруженија треба да ги разгледа и да даде мислење. До денеска, само „Сокотаб“ од Битола понуди предлог договор со нови цени, но засега не може да откриеме детали, иако се нешто повисоки од лани. Треба да ги видиме и другите договори на откупувачите, рече Милески.
 
За новата реколта има 10 откупни фирми. Новата компанија „Секе“ е грчка. - Се очекува, годинава да се стабилизира тутунопроизводството и постојаните тутунари, кои живеат од оваа дејност, да ги зголемат површините. Тутунот останува егзестенцијално прашање за 150.000 до 200.000 жители во Македонија, вели претседателот на сојузот на тутунските здруженија на Македонија Данчо Милески.