Бизнис
4. January 2016 - 14:45

Откупени 8.000 тони тутун, просечнатa цeна 185 денари

За 18 дена, од почетокот на откупот до денеска, се преземени 8.000 тони тутун со просечна цена од 185 денари за килограм.
 
Како што соопштија производителите на прес-конференција во Прилеп, откупот тече без проблеми и веројатно ќе заврши до 20 февруари. Се очекува и натамошно зголемување на просечната цена зашто високите берби се уште не се преземени. 
 
- Тутунарите се задоволни, достигнуваме добра цена што не значи дека не може да биде повисока и очекуваме барем за два-три денари да порасне, рече претседателот на Сојузот тутунските здруженија на Македонија Данчо Милески.
 
Годинава, додаде Милески, има помалку тутун. Барањето на откупувачите  од 25.700 тони не може да се постигне. До крајот на откупот може да се очекуваат уште 12.000 до 13.000 тони.
 
И во општина Крушево откупот е согласно предвидената динамика, а просечната цена 186 денари.
 
- До второстепената комисија засега нема приговори. Тутунарите очекуваат и натаму да расте просечната откупна цена зашто високоите берби се уште не се преземени. Општината произведува околу 1.650 тони тутун, а се откупени околу 40 отсто, истакна Илија Тодески, секретар на тутунското здружение „Братство“ од Крушево.
 
Во битолскиот регион досега се откупени половината од количествата тутун, а производителите се задоволни. 
 
- Откупот е 50 проценти завршен. Тутунарите се задоволни од просечната цена, 180 до 190 денари за килограм. Нема гужви и чекање и навреме се предава тутунот, нагласи Перо Ничевски, претседател на тутунското здружение „Тутуноберачите“ од општина Могила.