Македонија
21. April 2017 - 14:51

Осумстотини ученици учествуваа на „Ролер трката 2017“

Под мотото „Возиме кон иднината“ денеска се одржа „Ролер трката 2017“, во организација на Град Скопје и ЈУ „Детскиот културен центар-Карпош“.

На ролеријадата, како што информира Град Скопје,  учествуваа околу 800 ученици од 28 основни училишта од Скопје и од околината.

Учесниците во ролер трката возеа од пред фонтаната Лотос цвет, по булеварот „Илинден“ до клучката на булевар „Илинден“ со улицата „Никола Тесла“ и назад до стартот.

„Ролер трката 2017“ почна со женската трка на која првото место го освои Наталија Миновска од ОУ „Ј.Х.Песталоци“, втора беше Ивана Танчин од ОУ „Гоце Делчев“, а трето место го освои Анџелика Јаневска од ОУ „Димитар Беровски“.

На машката трка победи Никола Новаковиќ од ОУ „Блаже Коневски“, второто место го освои Никола Митровиќ од ОУ „Ј.Х.Песталоци“, а трет беше Никола  Баџаков од ОУ „Ј.Х.Песталоци“.

Учениците коишто го освоија првото место за награда добија ролерки со заштитна опрема, пласираните на второто место добија ролерки, а пласираните на третото место заштитна опрема.

Целта на оваа рекреативна масовна акција е развивање на спортскиот дух и желбата за спортување на нашите најмлади.

На Ролер трката, која што годинава се одржа по шести пат, присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.