Кошарка
15. February 2017 - 19:34

Осум желби само еден трофеј за победникот во Купот на Македонија

Се е подготвено за завршницата од националниот кошаркарски „Лимак Куп 2017“ што ќе се игра во салата „Јасмин“ во Кавадарци од 17 до 19 февруари. Во пресрет на турнирот обраќање на заедничка пре сконференција денеска имаа претседателот на Македонската кошаркарска федерација Петар Наумоски, претставникот на организаторот на завршниот турнир, директорот на „Лимак Скопје“ Мурат Јурдал, капитените и тренерите од сите екипите учеснички.

- Им посакувам успех на сите екипи. Се надевам дека напорната работа во изминатите дена ќе даде резултат со добра организација на турнирот, рече Наумоски.

Тој пред почетокот на пресот на капитенот на актуелниот освојувач на Купот МЗТ Скопје Аеродром, Марко Симоновски му го предаде пехарот во трајна сосптвеност.

За плановите и вложувањата на „Лимак“ во нашата држава говореше Јурдал.

- Имаме проекти ширум Балканот, но и во Блискиот Исток. Мило ми е што и Македонија ќе ја додадеме на таа мапа. Би сакал да изјавам дека имаме долгорочни инвестициски планови за изградба на станбен објект, трговски центар како и хотел во центарот на Скопје. Комплексот од објекти кој се надеваме ќе стане препознатлив дел од градот вреди повеќе од 200 милиони евра. Го одбравме Кавадарци за место каде сите најдобри тимови ќе се натпреваруваат и се надевам дека натпреварите ќе бидат неизвесни, фер и возбудливи до крај. Се гледаме во Кавадарци, порача генералниот директор на компанијата.