Македонија
21. March 2018 - 16:33

Оставката на Министерот за правда за Владата е личен чин - ќе има ли брза реконструкција на владиниот тим?

Оставката на Министерот за правда за Владата е личен чин на морална одговорност. Владиниот портпарол денеска на прес конференција ја повтори вчерашната изјава на Саљији додавајќи дека неговото заминување нема да ги забави реформите.

И покрај пишувањата во дел од медиумите дека Саљији сам си заминува за да не биде сменет во рамките на најавеното владино освежување, сега веќе екс министерот вчера како причина за својата оставка ја наведе разнишаната доверба во правосудството вперувајќи го прстот кон Јавното обвинителство за преквалификацијата на случајот со малиот Алмир.

Од Јавното обвинителство за Сител велат дека остануваат на ставот дека доказите во случајот со малиот Алмир не го потврдуваат обвинението дека станува збор за убиство со умисла. Ставовите на Саљији не сакаат да ги коментираат.

„Во врска со случајот за детето Алмир, ставот на Јавниот обвинител на Република Македонија и на Јавното обвинителство неколку пати се  јавно изложени и  се познати во јавноста. 

Во однос на одлуката на Министерот за правда да поднесе оставка, станува збор за политичка одлука. Јавниот обвинител на Република Македонија политички одлуки не коментира.“ – стои во писмената изјава на Јавното обвинителство.

Саљији беше на мета на критичарите по распадот на телото за реформи во правосудството и забавувањето на овој процес кој е клучен во планот 3-6-9 на Владата. Дел од медиумите пишуваа дека неговото име е прво на списокот на премиерот Заев во најавената реконструкција. Владиниот портпарол денеска за овие информации немаше ниту потврда ниту демант а остана без одговор и на прашањето, дали токму оваа оставка ќе го забрза освежувањето во владиниот кабинет.

Саљији е првиот министер во Владата на Заев кој си поднесува оставка во вакви околности. Од Владата без одговор кога премиерот ќе го предложи новиот министер и дали за тоа ќе треба да се почека да завршат преговорите за проширување на владејачкото мнозинство во Собранието.