Кошарка
25. May 2017 - 12:10

Останува ли Назор во МЗТ?!

Анте Назор, предводникот на МЗТ, засекогаш ќе ја памети сезоната 2016/2017 и освоената титула во македонското првенство. Трофејот со МЗТ е прв во осум годишната сениорска кариера на хрватскиот тренер.
 
МЗТ не дозволи брејк, успеа да ја одбрани титулата, шеста во низа во домашното првенство. Во решавачкиот петти меч МЗТ славеше над Карпош Соколи 86:82.
 
„Да ова беше дуел на две израмнети екипи. Мораме да признаеме дека сите натрепвари беа „мали војни“. Ние губевме кај нив, само еднаш победивме во Суперлигата, а тие никогаш не не победија кога бевме домаќини. Поради тоа се надевавме дека тие не можат да направат брејк. Но тие одлично ја одработија сезоната, им честитам. Нивната игра не осцилираше, имаа една константна динамика, беа исклучително опасни од надворешните позиции. Во секој случај честитки до тренерот Николиќ, до играчите и клубот, кој направи еден голем исчекор. Игравме тешки натпревари, секој засебно преставуваше одредена стапица. Ќе им честитам и на моите играчи кои покажаа карактер кога беше најпотребно. Имавме и среќа во тие натпревари одредени играчи да имаат вистински минијатури. Сакам да му се заблагодарам и на раководството кое ми овозможи добри услови за работа и секако им се заблагодарувам на навивачите за поддршката“, изјави тренерот на МЗТ.
 
Одговарајќи на прашањето на Макфакс, Назор откри дека би сакал и во наредната сезона да остане во МЗТ.
 
„Јас се надевам дека ќе останам. Најважно во спортот е да се има некаков континуитет. Имавме поддршка од раководството и кога ни беше најтешко, знаеме дека во делови од сезоната не изгледавме добро. Поради тоа е мојата благодарност до раководството, бидејќи застанаа зад мене“, рече Назор.