Македонија
21. November 2017 - 23:17

Основците во Србија кои го изучуваат македонскиот јазик добија книги и литература

Книги и литература на македонски јазик за учениците од основните училишта во Република Србија, во кои се изучува предметот „Македонски јазик со елементи на националната култура“ обезбеди македонската Влада на барање на Македонскиот Национален Совет на македонските национални заедници (НСМНЗ) во Република Србија.

Овие книги и дополнителна литература ќе им бидат од особено значење за наставата по овој предмет, на учениците меѓу кои најбројни се припадници на македонското национално малцинство, но интерес имаат покажано и ученици од српската, како и од другите националности кои живеат во соседна Србија.

Учебниците, на претставниците на НСМНЗ, што ги предводеше претседателот на советот Борче Величковски, им ги предаде премиерот Зоран Заев, кој е во еднодневна официјална посета на Србија.

Заев книги србија

Премиерот Заев ги информирал присутните на оваа средба дека за ова прашање се разговарало на средбите со премиерката Ана Брнабиќ и со српскиот претседател Александар Вучиќ, при што, како што рекол, бил покажан значаен интерес на заедниците на Македонците и на Србите во двете земји, да бидат покренати иницијативи за нивно афирмативно учество во општествените процеси во Македонија и Србија.

Тој ги запознал присутните со економските програми на Владата и ги охрабрил бизнисмените Македонци во Србија да пронајдат интерес и партнери во Република Македонија за заеднички бизнис иницијативи.

Претставниците на македонските заедници на средбата искажале желба ваквите контакти и натаму да продолжат, и особено биле задоволни од одлуката на Владата да именува министер без ресор задолжен за дијаспората.

Владината делегација, предводена од премиерот Заев, ги слушнале барањата и ставовите на националните совети на заедниците на Македонците во Србија и изразиле подготвеност со внимание да ги разгледаат, особено обие од сферата на образованието и културата.

Премиерот Заев, како што соопшти владината прес-служба, ги повикал македонските здруженија да ги надминат разликите во име на обединување на интересите за граѓаните со потекло од Република Македонија.