Македонија
6. May 2016 - 10:42

Основачот на „Дакли аркајв прес“ од САД ќе гостува на 4. „ПРО-ЗА Балкан“

Познатиот издавач од САД за Европа и, пред се, за Балканот, Џон О'Брајан, е меѓу гостите на 4. Интернационалнен литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, што го организира издавачката куќа „Икона“.  Фестивалот ќе се одржува од 29-ти до 31 мај во Даут-пашин амам, книжарницата „Икона“ и во ЕУ Инфоцентарот.

Тој ќе биде гостин на програмата „Skopje fellowship”, проект кој се одржува секоја година во рамките на фестивалот. Џон О’Брајан е издавач и основач на „Дакли аркајв прес“ (Dalkey Archive Press), една од најреномираните издавачки куќи во Северна Америка и една од ретките кои објавуваат литературни преводи и имаат професионална дистрибуција на пазарот во САД. „Далки аркајв прес“ е познат и по годишната антологија на нова европска проза во која промовира триесетина автори од Европа пред читателите во САД.

- Во завидното портфолио од околу илјада наслови, издавачот има и бисери како Луј Фердинанд Селин или Ѓерѓ Конрад, а од овие простори ги има објавено Данило Киш, Давид Албахари, Светислав Басара, Андреј Блатник, Драго Јанчар, Мухарем Баздуљ, Георги Господинов..., информира „Икона“.

О'Брајан е ангажиран и на Универзитетот Хјустон, Викторија. Има објавено повеќе од 100 научни статии, голем број рецензии на книги и статии во списанија и весници и има добиено многу меѓународни награди и признанија, меѓу кои и титула Витез од редот на уметностите и книжевноста на Република Франција.

Програмата „Skopje Fellowship“ е востановена во 2014 година и е посветена на странските издавачи, директори и програмски менаџери на фестивали, литературни агенти и скаути.

Целта на програмата е важните имиња од познатите фестивали и од светот на издаваштвото да се запознаат со македонската книжевна сцена, како можност од која би произлегле нови преводи, гостување на писатели од Македонија во странство, промоција на литературата од Македонија, но и од Балканот, вмрежување на писателите и културните работници од сферата на издаваштвото и книжевноста со колегите од Европа и светот, зголемување на видливоста на литературата од Македонија во странство... 

„Икона“ информира дека наскоро ќе ја соопшти целокупната програма на годинашниот фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, како и името на лауреатот кој ќе ја добие наградата „Прозарт“ за авторски придонес во развојот на книжевноста на Балканот.