Македонија
14. September 2016 - 8:48

Осми меѓународен театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“

Крива Паланка од денеска до 23 септември ќе биде домаќин на осмиот Интернационален театарски фестивал „Св Јоаким Осоговски“ на кој ќе настапат реномирани театарски куќи oд Македонија, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Хрватска.

Фестивалот ќе биде отворен вечер во 20 часот со официјалното кревање на фестивалското знаме, по што ќе се биде доделено признанието „Лауреат на фестивалот“ кое годинава и припадна на позната актерка и директор на „Театар Комедија“, Јелена Жугиќ. Говор  за делото на Жугиќ ќе одржи театарскиот критичар Лилјана Мазева.
 
Фестивалската програма ќе почне утревечер, четврток, во 20 часот, со настапот на Театар комедија со претставата „Стјуардеси“ на Марк Камолети. Во петок со почеток во 12 часот во Локалната установа „Градски музеј“ Крива Паланка ќе биде промовирано делото „30 години литературно творeштво на  Трајче Кацаров“, а вечерта настапува Народен театар Тузла, Б и Х, со „Свршувачка“ од Чехов.
 
На репертоарот се и настапите на Народен театар „Бора Станковиќ“ од Врање, НУЦК „Трајко Прокопиев“, Театар Кумановo со „Идиоти“, промоција на романот „Претстава“ од Гоце Ристовски, продукција „Како ви е драго“, Белград, НТ „Невена Коканова“, Дупница, НТ „Стерија“, Вршац и студио „Призор“ од Белград.
 
Фестивалот ќе биде затворен во петок 23 септември со настапот на младите актери од драмско студио при Нацонална установа „Центар за култура“, Крива Паланка со претставата „Не играј на Англичаните“ во режија на Глигор Цветковски.
 
Покровител на Меѓународнито театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ е локалната самоуправа на општина Крива Паланка. Сите фестивалски вечеризапочнуваат во 20 часот, а претставите се одигруваат на сцената во Центарот за култура. Влезниците се со симболична цена од 50 денари, а собранатa сума ќе биде донирана во хуманитарни цели.