Македонија
12. January 2018 - 11:18

Османи: Македонија подготвена ќе ги дочека клучните датуми за ЕУ интеграции во 2018

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денес оствари средба со Геновева Руиз Калавера, Директорка за Западен Балкан во рамките на Генералниот Директорат за соседство и проширување во Европска Унија, ДГ НЕАР.

На средбата Османи го презентираше напредокот на Република Македонија во евроинтегративните процеси, задржувајќи се на имплементацијата на деловите Шест и Девет од Планот 3-6-9, како и остварениот напредок во отстранувањето на политичките пречки за приближувањето кон ЕУ и НАТО.

„Остваривме значаен напредок на сите полиња, имплементацијата на реформите во наредниот период ќе се интензивира, и Македонија во 2018 година подготвена ќе ги дочека клучните датуми за нашите европски интеграции“, истакна Османи.

Вицепремиерот Османи потенцираше дека изминатиов период е остварен значаен напредок во подготовка на реформите во приоритетните области, како што се реформите на безбедносните служби, реформите во правосудството, како и реформите на јавната администрација, а очекувањата на Владата се дека, заедно со Собранието, потребните реформи ќе бидат имплементирани заклучно со февруари 2018 година, пред излегување на стратегијата за проширување на Европската Комисија.

„Со имплементација на предвидените реформи сметам дека ќе се постигне соодветен напредок во отстранувањето на забелешките за напредокот, и дека тоа ќе резултира со конкретни чекори на нашиот евроинтегративен пат“, истакна Османи на средбата.

Во продолжени Османи го презентираше и напредокот во отстранувањето на политичките пречки, посочувајќи ги притоа унапредените односи со Бугарија, усвојувањето на Законот за употреба на јазиците, но и напредокот во изградбата на доверба меѓу Македонија и Грција.

„Отворивме редовни канали на комуникација со Грција, имаме редовни меѓусебни посети и контакти кои очекувам да се интензивираат во наредниот период, и на крајот, да резултираат со атмосфера на доверба во која ќе може да се затвори и прашањето за името“, истакна Османи.

На средбата со Калавера беа отворени и прашањата за искористувањето на средствата од ИПА, како и напредокот на т.н. ИПА Мастер План кој се подготвува во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

„Имавме исклучително успешна апсорпција на ИПА средствата во 2017 година и најмалку што очекувам е во 2018 да продолжиме со исто темпо, но и да обезбедиме унапредување на капацитетот на ИПА структурата, што ќе овозможи уште поголема искористеност на средствата од ИПА и директно ќе влијае на приближувањето на Република Македонија до стандардите и вредностите на ЕУ“, истакна Османи.