Македонија
21. February 2018 - 18:26

Османи до Поетеринг: Потребна ни е помош во изградба на национален консензус за стратешките прашања

Новата Стратегијата на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан прецизно го валоризираше напредокот на Република Македонија и отвори историска можност за враќање на државата на европскиот колосек и нејзино приклучување кон динамиката 2025.

Ова го изјави вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Бујар Османи на денешната средба во Берлин заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, со претседателот на фондацијата Конрад Аденауер, Ханг Герт Поетеринг, во рамките на Владината посета на Сојузна Република Германија

Тој додаде дека оваа шанса претставува исклучително важен поттик за Владата, но и за целото општество, кое во моментов целосно е посветено на евроинтегративните процеси. 

- Се наоѓаме во исклучително важен, може да се рече, историски период, кога ни е неопходен национален и општествен консензус за конечно да го затвориме прашањето за европската и евроатлантска иднина на Македонија, истакна Османи.

Тој додаде дека Фондацијата Конрад Аденауер, со својата експертиза може многу да ѝ помогне на Владата при остварувањето на инклузивноста со граѓанскиот сектор во имплементација на реформите, како и со своето влијание и авторитет, директно да влијае врз политичките партии од сите страни на политичкиот спектар, во насока на изградбата на широк национален консензус за стратешките прашања.

Средбата со претседателот на фондацијата Конрад Аденауер, Поетеринг, е во рамките на посетата на висока владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев на Берлин каде беа остварени средби со канцеларката Ангела Меркел, како и со претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер.