Македонија
20. November 2017 - 14:37

Организирани посети и бесплатни прегледи во рамки на Неделата на грижа за стари лица

Инфо пунктови за здравствена превенција и прегледи, дистрибуција на прехранбени пакети, посети во домашни услови, донаторски средби и хуманитарен концерт организира Црвениот крст на град Скопје во рамки на „Неделата на грижа за стари лица“.

Неделата под мотото „Сите сме нивни деца“ се спроведува традиционално секоја  трета недела во ноември.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече, дека министерството води политиката за вонинституционална заштита и развој на сервиси на локално ниво за стари лица и има 12 центри за стари лица во различни градови на територија на Македонија.

- Дел од нив се во соработка со Црвениот крст и ја разгледуваме програмата што се имплементира преку Црвениот крст на градот Скопје да се рашири и на цела територија. Во регионот имаме добри пракси, но и во Скопје ја имаме истата добра пракса каде активно се старее преку овие дневни центри и лицата во трета доба се вклучени во општествените активности. Ќе одиме кон развој на оваа програма во 2018 година и ќе ги поддржиме старите лица да се што поактивни и вклучени, рече Царовска.

Секретарот на Црвен крст на град Скопје Сузана Т. Пауновска, рече дека со активностите ќе се обидат да ја подигнат свеста за тоа што значи да се биде лице во трета доба и да се искористи целокупната животна и професионална енергија што ја поседуваат тие лица.

- Се надевам дека институциите ќе ја поддржат програмата што Црвениот крст веќе осум години ја развива на територијата на нашата држава. Годинава завршуваме проект што ќе значи 40 дополнителни негователки, што своите услуги ќе ги нудат во домовите на лицата што имаат потреба од грижа. Очекуваме до крајот на 2018 година овие услуги целосно да им бидат достапни на 250 корисници, а во рамки на дневните центри за стари лица, бројката од 300 лица што го посетуваат да биде зголемена на 500, рече Пауновска.

За овие активности Црвен крст на град Скопје организира тим од пет медицински сестри, 12 волонтери, три одговорни лица во дневните центри и координатор.