Македонија
31. May 2016 - 17:05

Орав: Селективната правда не е прифатлива за ЕУ

ЕУ не прифаќа селективна правда и помилувања, порачаа евроамбасадорот Аиво Орав и Вутер Пломп амбасадорот на Холандија во македонија. Двајцата дипломати порачуваат дека за една демократска и модерна земја неопходно е целосно функционирање на системот на владеење на правото. Не смее да има попречување во работата на институциите задолжени за враќање на довербата во правната држава и дополнително создавање на конфузија во јавноста.

- Ако една земја сака да остане демократски и модерна, да се развива економски од клучно значење е справување со корупцијата особено во високите нивоа. Сведоци сме на единствена исклучителна политичка конфузија со одлуките кои се носат во последно време. Оваа конфузија за жал продолжува и понатаму. Европската унија јасно изјави дека селективната правда и помилувањата не се прифатливи. ЕУ заедно со другите меѓународни фактори ја нагласува важноста на СЈО и улогата на правосудството, рече Орав.

- Холандија придава голема важност за владеењето на правото и активно придонесува за подобрување во оваа област во Македонија. Политичката волја е клучен предуслов за тоа. Она што сега е важно е сите засегнати страни да го почитуваат владеењето на правото, а тоа значи поддршка на работата на СЈО и сеопфатно повлекување на помилувањето за сите лица што ги помилува претседателот, рече амбасадорот Пломп на промоцијата на наодите од истражувањето за националниот систем за интегритет на Македонија, спроведено од Транспаренси интернешнл-Македонија.

Двајцата амбасадори денеска присуствуваа на промоцијата на истражувањето за националниот систем за интегритет. Извештајот претставува научно заснована квалитатавина анализа која содржи бројни индикатори со кои може да се согледа состојбата во институциите, клучни во борбата против корупцијата.