Спорт плус
15. јуни 2017 - 19:24

Оптимизам и претпазливост во редовите на македонските одбојкари

Македонската одбојкарска репрезентација подготвена го очекува новиот настап во Европската лига. Македонските одбојкари се оптимисти и веруваат во нов добар настап во ова натпреварување, но истовремено се внимателни пред дуелите кои ги очекуваат. 
 
Првиот од двата турнири во А групата, во која за противници ќе ги имаат Азербејџан, Албанија и Шведска нашите одбојкари ќе го играат пред домашната публика, во СРЦ Кале во Скопје. 
 
Капитенот Никола Ѓоргиев верува дека турнирот ќе биде комплетиран со три победи на Македонија. Сите во националниот состав се подготвени да го дадат максимумот. 
 
„Следува тежок турнир. Во три дена имаме три меча. Работевме доста напорно. Не смееме никој да потцениме. Таа желба и мотивација да ја преточиме на терен и да победиме. Треба три победи и тоа е најважно. Одлично работевме. Желни сме за мечеви, доста беа тренинзи. Отвораме со Азербејџан. Поквалитетни сме од нив, но не смееме да ги потцениме, бидејќи оваа селекција веќе подолг период е заедно и се гледа дека многу се вложува во неа. Ќе следи дуел со Албанија, која два пати ја победивме минатата година. Засега Шведска е најголем анонимус за нас, но со добар скаутинг очекува да ја откриеме нивната игра’’, изјави Ѓоргиев.
 
Во овој нов циклус во европската лига, македонската репрезентација ќе стартува со новиот селектор, Драгутин Балтиќ кој исто така потенцираше дека целта е Македонија да стартува со три победи.
 
„Репрезентативците се во одлична форма. Одиме на победа, но не смееме никого да потцениме. Првиот противник, Азербејџан има искусен тим и квалитетни одбојкари во својот состав. Но, верувам дека нашиот подмладен состав може добро да се покаже и да ги победи трите противници“, изјави селекторот Балтиќ.
 
Натпреварите од првата рунда стартуваат утре (17 часот) со дуелот Шведска – Албанија, додека во вториот термин од 19 часот и 30 минути ќе се игра средбата Македонија – Азербејџан.