Македонија
2. December 2016 - 14:01

Општина Ѓорче Петров поготвена за зимската сезона

 
Општина Ѓорче Петров е подготвена за зимско одржување на локалните патишта и улици на територијата на општината, заклучено е на состанокот што се одржа денеска во Општината.                                                                                                  
Градоначалникот Сокол Митровски и членовите од Кризниот штаб разговараа за навремено дејствување и преземање превентивни мерки за зимско одржување на локалните патишта и улици на територијата на Општината, при што е констатирано дека општината е подготвена со сол и механизација да интервенира во расчистување на улиците и јавните површини во случај на врнежи од снег, а склучени се и договори со приватни фирми кои располагаат со механизација за справување со снегот.                                                                
 
По локалните патишта, како што соопштуваат од Општината, ќе интервенираат соларки за чистење снег, грејдер, камион-кипер, булдожер, а веќе се формирани и екипи кои ќе дежураат 24 часа во случај на потреба од интервенции.                                   
 
Приоритет при одржувањето ќе имаат сообраќајниците кои поврзуваат здравствени  установи, училишта, градинки, населени места  и сообраќајници по кои се одвива јавниот градски превоз.                      
 
Оспособувањето на коловозните површини за сообраќај, првенствено на сообраќајниците по кои се одвива јавен градски превоз, критични точки и витални објекти во општината во прва состојба на готовност ќе го врши ЈП „Улици и патишта“. Во месните и урбани заедници дополнително ќе се одржат состаноци за активностите на граѓаните во претстојната зимска сезона.                                                                    
 
Општината, како што истакнуваат, периодов ќе ја зголеми соработката со полицијата, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.