Македонија
18. November 2017 - 13:01

Општина Делчево ќе доделува 24 стипендии за средншколци и студенти

Општина Делчево за учебната 2017-2018 година ќе додели вкупно 24 стипендии за одлични ученици кои учат во СОУ „М. М Брицо“ и за студенти кои студираат на државните факултети.
 
Како што истакна раководителот на Одделението за правни и општи дејности, Сузана Петровска, oпштината 10 години доделува стипендии, а годинава има зголемување на стипендиите за талентираните средношколци за 500 денари.
 
- Стипендиите се поделени на четири категории и за сите е предвидено доделување стипендии за по шест ученици кои ќе аплицираат и ќе ги исполнуваат условите, односно Општина Делчево и оваа година ќе доделува 24 стипендии. Првата категорија е за одлични ученици кои потекнуваат од семејства со ниски приходи и таа ќе изнесува 1.000 денари, износ кој учениците кои ќе бидат избрани на конкурс, ќе го добиваат за 9 месеци. Втората категорија стипендии е наменета за талентирани ученици кои имаат континуиран успех од 5,00 и износот на оваа стипендија за оваа година е зголемен и ќе изнесува 1.500 денари, рече Петровска.
 
Таа додаде дека во категориите за студенти кои студираат на државните универзитет во земјава се предвидени 12 стипендии.
 
- Во категоријата редовни студенти со континуиран успех од 8,00 кои потекнуваат од семејства со ниски примања, износот на стипендијата ќе изнесува 2.000 денари, додека за судентите кои постигнале особено висок просек е предвидена стипендија од 3,500 денари, односно за студентите од техничките факултети и од медицинските насоки апликантите да имаат просек од најмалку 8,00, а за студентите на факултетите од општествените насоки да имаат просек од 9,00, рече Петровска.
 
Изборот на студентите и на учениците кои ќе ги добиваат овие стипендии ќе го врши соодветна Комисија, а општината навремено ќе информира кога ќе биде распишан конкурсот.