Македонија
14. May 2017 - 9:28

Опера-реквием „Јов“ на Мајски оперски вечери

Во рамките на 45. Мајски оперски вечери, денеска на големата сцена на МОБ гостува уметничкиот ансамбл „Нова Опера“ од Украина кој ќе го изведе музичко-сценскиот перформанс „Опера-реквием Јов“.

Композитори се Роман Григорив и Илија Разумејко, диригент е Роман Григорив, а режисер Влад Троицки.

Настапуваат Марјана Головко - сопран, Ана Марич - сопран, Олександра Турјанска - мецо-сопран, Андреј Кошман - баритон, Руслан Кирш - баритон, Јевгениј Ракманин - бас, Јана Марчинска - виолончело, Андреј Надолскиј - перкусии, Илија Разумејко - пијано, Александар Михајловски – наратор.

Опера-реквиемот „Јов“ претставува музички перформанс за препарирано пијано, виолончело, перкусии и гласови. Музиката на делото ги комбинира музичкиот минимализам и авангардната експресија, некласицизмот и рок-музиката. Полифоните хорски епизоди и инструменталните интерлудиуми се менуваат со делници што го користат целиот дијапазон на човечкиот глас: од класична, џез и фолклорна интерпретација, до дишење, врисоци, шепотења и аликвотно пеење.

Тој претставува синтеза на грчката драма, барокната опера, формите на ораториум и реквием, со техниките на постмодерниот театар. Делото со себе ја носи „мистеријата на раѓањето на новиот звук на пијаното“ и ги изразува бескрајните можности на човечкиот глас.

„Нова опера“ е група составена од млади украински уметници чија цел е да истражува и создава нови начини на израз на музичкиот театар. Музичарите на „Нова Опера“ креираат нови синтетички жанри и експериментираат со нестандардни, оригинални музичко-сценски перформанси. Музичкиот јазик на нивните дела не познава естетски граници и ги здружува во слободен израз авангардата и рок-музиката, грегоријанското пеење и трип-хопот, необарокот и фолклорните импровизации.

Вокално-инструменталниот ансамбл на „Нова Опера“ ги истражува бројните можности на човечкиот глас и користи неакадемски методи на изведба на музички инструменти како препарирано пијано, бит-бокс, човечки перкусии и други техники. Во нивните дела, достигнувањата на традиционалниот театар се комбинираат со придобивките на модерната технологија како ви-џеј перформансите и живата електронска музика.