Македонија
27. February 2017 - 16:23

Олеснет патот до одземање на безвизниот режим

Советот на Европската унија денеска усвои регулатива за ревидирање на Механизмот за суспензија со уште уште полесно и побрзо ќе може да ја укине визната либерализација што ЕУ ја има со Македонија и 52 други земји од светот. Целта на ревидираната регулатива е да се зајакне Механизмот за суспензија со што на земјите-членки ќе им биде полесно да известат за околностите што може да доведат до суспензија, овозможувајќи и на Европската комисија да го активира механизмот на сопствена иницијатива и да укине визна либерализација кон некоја земја, поради зголемен број на азилантски барања, на пример.

Конкретно, со оваа ревизија, сега можните причини за суспензија на визната либерализација се проширени и вклучуваат намалување на соработка за реадмисија, значително зголемување на стапката на одбивање на барањата за реадмисија, вклучително и за државјани на трети земји во транзит, како и значително зголемување на ризикот за јавната политика или внатрешната безбедност на земјите-членки.

Според Механизмот, суспензијата може да се активира со известување на земја-членка или од еврокомесарот за миграциски прашања и внатрешни работи Димитрис Аврамопулос. Ако просто мнозинство на земјите-членки го извести, Гркот Аврамопулост и Комисијата ќе треба да донесат одлука за спроведување на привремено укинување на ослободување од обврската за поседување виза за одредени категории на државјани на трети земји за период од девет месеци.

Ако проблематичните околности останат, Комисијата треба најдоцна два месеца пред истекот на деветте месеци рок да донесе делегиран акт за привремено укинување на визната либерализација за дополнителен период од 18 месеци за сите државјани на третата земја.