Бизнис
27. July 2016 - 19:39

Околу 100 милиони евра европски пари на располагање на македонските земјоделци преку ИПАРД 2 програмата

Околу 100 милиони евра европски пари има на располагање македонскиот аграр. Надлежните ги отфрлаат гласините дека буџетот за ИПАРД 2 програмата  е намален. Потенцираат дека со програмата на земјоделците им се достапни 60,3 милиони евра плус дополнителни 46 милиони евра наменети за програмите за системи за наводнување, задруги, консолидација на земјиште и слично.

Повиците за искористување на парите од ИПАРД 1 програмата се завршени. Надлежните потенцираат дека имало слаба искористеност на средствата пред се поради тоа што земјоделците имале мали инвестиции. Засега се искористени само 15 отсто од средствата, но до крајот на 2017 се очекува искористеноста да надмине 30 отсто.

- Имаме добар напредок во однос на квалитетот на барањата и користењето на средствата, но инвестициите се се уште мали. На нашите земјоделци побарувачката им е за мали инвестиции, во просек по 6.000 евра кофинансирање за примарното производство, истакна Костовска.

Со ИПАРД 2 програмата се очекува поголема искористеност на европските пари. Земјоделците ќе можат да аплицираат од есен кога ќе биде објавен првиот повик. Зголемено  е кофинансирањето за примарното производство на 60 отсто и 65 % за малите и микро бизнисите во руралните средини.