Македонија
22. February 2018 - 16:22

ОЈО знаело за малолетничката, но не преземале дејствија затоа што немале конкретен сторител

По обелоденување на вонредниот инспекциски надзор во Домот 25 мај, ќе се знае колку лица ќе одговараат за пеколот низ кој поминало 13 годишното девојче кое со месеци било сексуално злоставувано за пред една недела да абортира на Гинекологија. Од Министерството за труд и социјала велат дека утре ќе соопштат што открила инспекцијата а ги пишувале и пријавите за сите кои затаиле и не ја заштитиле малолетничката. Обвинителсатвото, пак, не покренало истрага до сега бидејќи немале утврден сторител на кривичното дело. Јовески на прашањето од пратеничката Ивана Туфегџиќ што чекале до сега и уште колку вакви предмети седат во фиоките на обвинителството, изјави дека побарале дополнителни податоци од МВР кои се уште не им биле доставени.

-Дали треба за сите вакви случаи со деца да слуснеме на медиумите и кога државата ќе функционир акако едно кога е старател на дете?, праша Ивана Туфегџиќ

- Обвинителството не може да покрене обвинение против Н.Н. лице и обвинителството врз основа на овие службени известувања побарало одредени податоци од МВР за утврдување на идентитетот за сторителот на кривичното дело. Кога ќе го имаме идентитетот на сторителот на кривичното дело ќе отвориме и истрага. Во фиоките нема вакви случаи, а доколку има за нив ќе има соодветни постапки, изјави Љубомир Јовески, државен јавен обвинител. – 

Обвинителството освен од МВР, деновиве побарало сознанија и докази за случајот и од Министерството за труд и социјала. Европскиот центар за правата на Ромите пак, побара од надлежните испитување не само за судбината на оваа малолетничка, туку и каква е состојбата со сите штитеници во Домот 25 мај.

-Ние немаме пристап да разговараме со штитениците, не знаме дали и други малолетници имале слична судбина, но затоа одговорните треба да истражат за сите, изјавија од Европскиот центар за права на Ромите.

Девојчето неколку пати било пријавувано за исчезнато, а старателот, според податоците од Министерството не се грижел за малолетничката и не добивала никаква заштита.