Македонија
17. October 2017 - 16:35

ОЈО ја прошири истрагата за нападот врз Зијадин Села, приведен уште пет лица

Уште пет лица се сомничат за нападот врз Зијадин Села во Собранието на 27 април, за други тројца МВР објави потерници. Откако на почетокот на мај за нападот врз Села беа уапсени две лица осомничени за убиство во обид, Основното јавно обвинителство Скопје оваа истрага ја проширува за пет лица, кои се теретат за кривично дело Убиство во обид сторено во соизвршување.

Петте лица, по барање на надлежен јавен обвинител се лишени  од слобода при вршење на претрес во нивните домови. Во текот на денот Обвинителството ќе презема дејствија за утврдување на факти и спрема останати лица, информираат од ОЈО Скопје.

Министерството за внатрешни работи пак, попладнево објави фотографии од уште три лица кои учествувале во упадот во Собранието и кои се важни за целата постапка. МВР апелираше до граѓаните, доколку имаат било какви информации за овие лица да ја известат најблиската полициска станица, да пријават на официјалниот сајт на министерството или во Јавното обвинителство.