Бизнис
18. May 2017 - 20:48

Охридската цреша прв македонски производ со заштитена географска ознака

Надалеку познатата охридска цреша стана македонски бренд.

Земјоделската задруга „Охридска черешна“ ја доби географска ознака за сортата Охридска цреша. Ова е прва постапка според новиот Закон за заштита на македонските национални земјоделски производи.

Според правилата таа мора да има еднаков квалитет во однос на големината и на бојата, и да биде одгледувана со исти агротехнички мерки. Пакувањето да е во гајби на кои мора да стои националниот знак за заштитена георафска ознака.

Досега има 20 земјоделци кои годишно произведуваат скоро 3,5 тони Охридска цреша. Продажната цена на ова овошје е од 70 до 100 денари за килограм, а приносот по хектар е од 18 до 20 тони.

Барање за заштита на некој производ можат да поднесуваат сите оние кои се занимаваат со производство на ист земјоделски или прехранбен производ.

Субвенциите за брендирањето и на други производи изнесуваат до 300.000 денари, а постапката можат да ја спроведуваат само група на производители.

Инаку огромен е интересот за охридската цреша во најголем дел се извезува за Русија и Европа а со отварањето на пазарот во Дубаи и неговата национална ознака како бренд ќе се зголемат можностите за уште поголем развој на овоштарството во охридскиот регион.